Додека на победникот на претседателските избори во САД, демократот Џо Бајден, секојдневно му пристигнуваат честитки од сите страни на светот, најголемите светски лидери засега се воздржани.
Владимир Путин, Шји Џјинпинг и Реџеп Таип Ердоган засега не се брзаат да ја поздрават победата на идниот американски претседател.
Во анализата на Си-ен-ен се вели дека наклонетоста кон авторитарните политички лидери била константа во владеењето на Доналд Трамп и констатира дека воздржаноста на претседателите на Русија, Кина и на Турција ја разоткрива природата на односите што тие ја проектираат кон идната американска администрација и типот на соработка што го антиципираат.
Кремљ во 2016 година, по победата на Трамп над Хилари Клинтон, му ја честита победата на новоизбраниот претседател, само неколку часа по објавувањето на изборните резултати.
Денес, претставникот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Москва ќе почека официјално да бидат објавени изборните резултати и дури тогаш ќе ги коментира.
На кинескиот претседател Шји Џјинпинг не му се брзало да ја поздрави изборната победа на Бајден. Денес, претставник од кинеското Министерство за надворешни работи ги прескокнал прашањата на новинарите за тоа кога Пекинг ќе му испрати честитки на Бајден.
Тој одговорил дека Кина ќе се однесува во рамките на меѓународната пракса. Ни Анкара засега не реагирала на изборната победа на Бајден.
Турскиот претседател Ердоган главно имал премолчана согласност со претседателот Трамп. Тој не правел нешто на своја рака, без претходно да знае Трамп за тоа. Со Бајден во Белата куќа односите нема да бидат така хармонични, сметаат аналитичарите.
Бразилскиот претседател Болсонаро, кого многу го нарекуваат Трамп од Троп, поради популистичката политика што ја води и негувањето на култот на сопствена личност, засега се нема огласено по повод американските избори.
И претседателот на Мексико, Обрадор, избирајќи зборови, соопштил дека Мексико ќе мора да почека да се расчистат сите правни недоумици и процесот со пребројувањето на гласовите на американските избирачи пред да го честитаат изборот на новиот претседател на САД.