Иако традиционалните божикни саеми ширум Европа се откажани поради короната, плоштадите на светските метрополи се украсени со големи и импресивни новогодишни елки. Втора година по ред, Вилнус, главниот град на Литванија, е избран за град со најубава новогодишна елка во Европа. Зад него се еклите во Прага, Париз, Лондон и Милано.
Овогодинешната новогодишна елка од Вилнус е инсталацијата во форма на конус, поставена до црквата Свети Јован. Висока е 24 метри и направена е од метални панели украсени со светла што ја менуваат бојата однадвор и огледала од другата страна. Како и претходните години, металната рамка е украсена со 6.000 вистински гранчиња од смрека и 800 сребрени украси. Повеќестраната модерна фасада се отвора доволно за да открие живата украсена смрека внатре.
Божиќните елки од Вилнус станаа популарни благодарение на оригиналните теми, уникатните украси и магичната празнична атмосфера што ја предизвикуваат. Ланската елка личеше на шаховска кралица во син фустан и сребрена наметка, чувана од редови пешаци, додека претходната елка имаше стилизиран часовник со подвижни снегулки.
Елката од Вилнус ќе стои на плоштадот до 7 јануари 2021 година.