На 53-годишна возраст почина македонскиот виолинист, вокален изведувач, професор, Зоран Џорлев. Семејството и пријателите се простуваат од него на социјалните мрежи. Меѓу нив и неговиот внук од сестра, Огнен Здравковски, под чија фотографија музичарите оставаат коментари.
Според блиски до семејството Џорлеви, причината за смртта се компликации предизвикани од коронавирусот, со кој бил инфициран. Зоран Џорлев е роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го поминал детството, живеејќи на улицата „Пере Тошев“ во близина на киното, заедно со братот Ристо и сестрата Софче.
Тој е дете на Наско и Грозда Џорлеви, а татко му бил познат композитор на народна музика и водач на оркестар. Кога бил првооделенец, со семејството се преселил во Скопје. Уште во раното детство, во Струмица, започнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнал да свири на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“.
Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Познат е по обработките и изведувањето на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез, етно теми. Работел како професор по виолина, и бил директор на ДМБУЦ Илија Николовски Луј во Скопје. Во јануари 2011 бил назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде останал до август 2017 година.