Имунитетот кај луѓето што прележале Ковид-19 трае осум месеци и потенцијално може да трае значително подолго, покажала новата студија направена на Институтот за имунологија во Ла Хоја. Студијата, објавена во списанието „Сајанс“, открива дека околу 90 проценти од пациентите кои учествувале во испитувањето поседувале долготраен и стабилен имунитет, пишува „Вашингтон пост“.
И покрај тоа што повеќе од една година го проучуваат научниците од цел свет, за коронавирусот сè уште не се знае многу. Едно од најважните прашања, на кое што сè уште нема дефинитивен одговор е дали луѓето можат да се заразат со коронавирус повторно и колку брзо. Има случаи кога луѓе велат дека се заразиле со коронавирус вторпат, но ова се ретки случаи. Според најновата научна студија, луѓето развиваат подолготрајна отпорност на вирусот по инфекцијата во повеќето случаи.
Анализата на примероци од крв од скоро 200 пациенти покажала дека повеќе елементи на имунолошкиот систем, не само антителата, продолжуваат ефикасно да го препознаваат вирусот и да реагираат на инфекцијата. Човечкото тело делува како да се сеќава на вирусот и е во состојба да реагира на секоја средба со него во координирано дејство на антитела и Т-клетки.
Студијата објавена во „Сајанс“ доаѓа откако новата заразна варијанта на коронавирусот, која првпат беше забележана во Велика Британија, почна да се шири низ целиот свет. Вработените во Центрите за контрола и превенција на болести во САД разгледуваат нова варијанта и работат на секвенционирање на неговиот геном за да им овозможат на научниците темелно да го проучат.
Авторите на студијата објавена во „Сајанс“ сметаат дека резултатите од нивното истражување можат да се применат и на британскиот вид на Ковид-19. Причината за оптимизмот лежи во фактот дека имунолошкиот систем напаѓа различни делови на вирусот, а мутациите успеале да променат само неколку делови.
Научниците се согласуваат дека вирусот може да го совлада природниот имунитет, или оној стекнат со вакцинирање, само доколку доживее голем број истовремени мутации.
„Имунолошкиот систем има на располагање многу оружје. Ако се појави мутација што ќе неутрализира едно или две од нив, секогаш има други што можат да ја неутрализираат“, рече коавторот на студијата и научник од Институтот за имунологија во Ла Хоја, Даниела Вајскопф.
Имунитетот кон вирусот се гради постепено, достигнува врв, а потоа почнува да опаѓа, но може да остане на одредено ниво подолго време. Вајскопф вели дека луѓето кои се заразиле со коронавирус и го прележале Ковид-19, исто така, имале стабилен имунитет на вирусот осум месеци по закрепнувањето.
„Имунитетот не се намали понатаму. Врз основа на тоа, можно е имунитетот да трае уште многу месеци, па дури и со години“, додава таа.
Во овој момент, невозможно е да се каже колку трае вкупно имунитетот, бидејќи вирусот речиси една година циркулира меѓу луѓето, па затоа е невозможно да се добијат подолгорочни податоци. Најстарите примероци проучени во оваа студија се земени пред девет месеци.
Стенли Перлман, вирусолог од Универзитетот во Ајова, кој не бил вклучен во студијата, рече дека податоците од тоа се добредојдени, бидејќи оваа пролет се зборуваше дека имунитетот кон коронавирусот не трае особено долго.
„Ова е поубедливо, добро изработено и ја поддржува тезата дека имунитетот ќе трае подолго“, рече тој. Перлман додаде дека е можно имуна личност да се зарази со вирусот, но не и да добие Ковид-19. „Луѓето ќе се заразат, но нема да влијае на нив“, додаде тој.
Студијата исто така открила дека десет проценти од луѓето губат имунитет на вирусот. Овој феномен сè уште не е објаснет, но човечкиот имунолошки систем е сложен механизам, а одговорот на имунитетот на инфекцијата варира од личност до личност.
„Имунитетот што го добивате по природна инфекција значително се разликува“, рече коавторот на студијата Алесандро Сете, исто така од Институтот Ла Хоја. „Ако имав Ковид-19, јас не би ги фрлал маските, не би одел на забави. Луѓето сè уште треба да постапуваат одговорно. Тоа е како да возите автомобил каде сопирачките работат 90 отсто од случаите“.