Традиционалниот концерт по повод празникот Василица ќе се одржи денеска и утре со почеток во 20 часот во Националната опера и балет.
Овогодишниот концерт на НОБ е насловен „Најголемите хитови“, односно направен е избор од најдобрите хитови од досегашните василичарски концерти со симфониски аранжмани. Публиката ќе може да ужива во популарните светски и македонски хитови во изведба на оперски и поп-солисти, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет. Ќе диригира Бисера Чадловска.
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени за одржување настани во затворен простор, при што ќе биде задолжително носење заштитна маска. Билетите се достапни на билетарницата и на веб-страницата на Националната опера и балет.
Василичарскиот концерт почна да се одржува од 1993 година, па сè до денес, со цел да се прослави Старата нова година. Концертот стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас, велат од НОБ.