Глумицата Лидија Вукиќевиќ поттикната од актуелниот скандал во Србија со нејзината помлада колешка Милена Радуловиќ, јавно објави дека и таа во кариерата добивала непристојни предлози и понуди од страна на нејзини колеги и режисери.
„Добив непристоен предлог за време на снимањето на филмот ‘Брак на одредено време’. Директорот на фотографија ми рече дека во следната сцена треба да се соблечам гола. Јас го одбив сметајќи дека нема потреба од таквата сцена. Му кажав дека нема да го сторам тоа ни по цена да го раскинам договорот. Тој беше истиот човек што беше директор на фотографија и во серијата ‘Вук Караџиќ’, каде што требаше да играм со Милош Обреновиќ. Но, поради инцидентот во првиот филм, јас бев отстранета од тој проект“, објасни Лидија.
Таа вели дека во кариерата се нашла во голем број непријатни ситуации, но на крајот секогаш наоѓала начин како да се извлече од нив.
„Многупати се случувало колегите да ме штипкаат за време на снимањето. Еднаш се сеќавам кога на еден од колегите му удрив шлаканица затоа што не сакаше да престане да ме допира“, се потсети Вукиќевиќ.
За потсетување, во Србија неодамна избувна скандал во кој младата актерка Милена Радуловиќ, јавно го обвини својот професор по глума Мика Алексиќ дека ја силувал.