Тим од неколку научници на СЗО, ќе влегува во пештери со лилјаци во кинескиот град Вухан со цел да најде докази за потеклото на коронавирусот.
Питер Дашак, еден од членовите на тимот, вели дека во пештерите ќе работат на пронаоѓање на генетски елементи на вирусот. Дашак е зоолог и експерт за животни.
Тој вели дека неговиот тим добил информации за тоа како ковид 19 првпат е идентификуван во градот, на крајот на 2019 година и имаат нови сознанија за тоа како настанала пандемијата.
Дашак не кажа детали, но вели дека засега нема никакви докази кои укажуваат на тоа дека вирусот потекнувал од лабораторија, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека тој бил вклучен во истражување на потеклото на тежок акутен респираторен синдром (САРС) во периодот 2002-2003 , кој потекнува од лилјаци кои живеат во пештерите во југозападната кинеска област Јунан.
„Слични истражувања треба да се направат ако сакаме да го најдеме вистинското потекло на ковид-19“ вели Дашак за „Ројтерс“.
Едно од сценаријата кое тимот внимателно ќе го проучи е можноста дека вирусот можел да циркулира многу порано од кога првпат е идентификуван во Вухан.
„Тоа е нешто што нашата група интензивно го проучува за да види колкаво ниво на пренос во заедницата можело да се случи порано“, вели Дашак.
Научниците од СЗО досега ги посетиле болниците, истражувачките објекти и пазарите за морски плодови каде е идентификувано првото избувнување, иако нивните контакти во Вухан се ограничени на посети кои се организирани од нивните кинески домаќини.
Дашак за Агенцијата потврдил дека кинеските власти не одбиле ниту едно барање на тимот за посета на објекти или состаноци со клучните лица.