Младиот пејач Огнен Здравковски, во чест на својот починат вујко, познатиот виолинист Зоран Џорлев, на рака го истeтовира неговиот лик.
„Вујче мој, додека сум жив и ти ќе живееш секогаш со мене. До следно видување“, напиша Огнен на „Фејсбук“.
Огнен беше еден од најпогодените од смртта на Џорлев. Тој за „Репортер“ ни раскажа низ сѐ што минува, но и за споменот по кој ќе го памти својот вујко.
„Секој ден имавме по некоја заедничка интересна случка. Со него сѐ ми се случуваа само убави, позитивни и среќни моменти. Пресреќен и преблагодарен сум бидејќи имав од кого да учам и наследам. Ние и многу често настапувавме заедно, и за жал останаа уште многу неиспеани песни. За мојот вујко ќе кажам дека пред сѐ беше прекрасен човек, човек со огромна душа и огромно срце и преголем хуманитарец, гледаше на секого да направи добро и да помогне. Спомени има милион. Кога ќе седневме, заедно со него ги пеевме песните на дедо ми, “Не кажувај либе добра ноќ’, “ Во Струмица на улица“, “Кажи, облече ле бело“, неговата омилена песна “Џелем, џелем“, ни кажа Огнен.
За потсетување Зоран Џорлев почина на 1. јануари годинава од коронавирус. Смртта на познатиот виолинист, вокален изведувач и професор, ги најде затечени многумина, особено неговите пријатели, музичари, колеги, а најмногу семејството.