Лицата кои се вакцинирани или имаат негативен тест за коронавирус ќе можат да патуваат во Грција ова лето, рече грчкиот министер за туризам Хари Теохарис.
Туризмот е еден од главните извори на приходи за грчката економија, па затоа таа е меѓу земјите кои најмногу го притискаат Брисел да воведе сертификати за вакцинирање. Теохарис вели дека Грција планира да ја почне својата летна сезона во средина на мај.
„Грција е подготвена за лето 2021 со комплетен протокол. Туристите ќе бидат добредојдени ако пред доаѓањето се вакцинирани, имаат антитела или негативен тест за коронавирус. Туристите исто така ќе бидат подложени на тестирање по случаен избор“, кажа Теохарис во обраќањето на трговскиот саем „ИТБ“ во Берлин.
Грција има воведено карантин во неколку делови од земјата со цел да го спречи ширењето на коронавирусот откако зголемувањето на бројот на нови случаи значително го притисна здравствениот систем. Ситуацијата е најтешка во регионот Атика, каде што се пополнети 90% од болничките капацитети.