Најпознатиот фудбалски стадион во светот, Маракана во Рио де Жанеиро, по 70 години ќе го смени името. Од следната година овој стадион ќе се вика „Едсон Арантес до Насименто – Реи Пеле“ по легендарниот бразилски фудбалер Пеле. Зборот „реи“ ставен пред името на фудбалелерот, во превод значи „крал“.
Пеле на овој стадион играше многу пати, а во 1969 година таму го постигна 1.000. гол во кариерата.
„Решивме да му оддадеме почит на човекот кој го водеше бразилскиот фудбал и кој е познат во целиот свет како еден од најголемите фудбалери на сите времиња. На 80 години, и со неверојатна кариера зад себе, Пеле го заслужи тоа“, рекоа градските власти на Рио.
Стадионот е пуштен во употреба на 16 јуни 1950 година и има капацитет од 78.838 гледачи. Во 1950 и 2014 година на Маракана се одиграа финалните натпревари на СП во фудбал, а во 2016 година на овој стадион беа отворени Олимписките игри во Рио.