Денес Скопје трча: Рекордни 15.050 учесници на Скопскиот маратон – изменет сообраќај низ градот до 14 часот

Во Скопје денеска се одржува 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, со рекордни 15.050 пријавени учесници од 63 земји. Поради трките, од 06:00 до 14:00 часот дел од улиците и булеварите по трасата се затворени за сообраќај, а возилата се пренасочуваат по алтернативни правци.

Посебниот режим го опфаќа потегот од Рекорд, по улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“ кон Хром.

Ограничувања има и на делови од улицата „11 Октомври“, од Собранието кон Црвен крст, како и на булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“ во насока кон Американ колеџ. Во Аеродром, изменет режим важи на потезите кон Воен базен и Мајчин дом, како и по булеварот „Јане Сандански“ до крстосницата со булеварот „Србија“.

Пренасочувањето се приспособува на движењето на тркачите. Од МВР апелираат возачите да ги избегнуваат овие сообраќајници до 14:00 часот и да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен.

Маратонот, полумаратонот и штафетната трка „ЕУ за спорт“ стартуваа во 08:05 часот кај Рекорд, во насока кон Хром. Трката на пет километри почна во 08:00 часот во близина на Црвен крст, во насока кон Аеродром. Финишот на сите трки е на плоштадот „Македонија“.

Во маратонската трка се пријавени околу 800 натпреварувачи, меѓу кои и минатогодишниот победник Дарио Ивановски, додека полумаратонот има околу 3.000 пријавени тркачи. Во организацијата учествуваат и околу 500 волонтери.

Scroll to Top