Отворањето на Дино паркот во Зоолошката градина е одложено за следниот месец, поради ниските температури што во изминатиов период ја зафатија земјава, како и поради новиот бран на зараза со коронавирусот.
Од Зоолошката градина информираат дека одложувањето е и поради неможноста за раззеленување на вегетацијата, која е засадена во паркот, а која на посетителите треба да им пружи дополнително уживање при посетата.
Oва не е прво одложување на отворањето на Дино паркот, за кој се очекува дека ќе стане нова атракција за граѓаните од цела држава. Надлежните го одложуваа неговото отворање и поради лошата здравствена состојба во земјава предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
Во новиот Дино-парк веќе се поставени 41 диносаурус, во природна големина, а посетителите наскоро ќе имаат можност да ги разгледаат диносаурусите, што се движат и испуштаат звуци, идентични како оние што ги правеле и вистинските диносауруси, кои некогаш оделе по Земјата. Цената на билет ќе биде 50 денари, за која, како што велат од Зоолошката градина, е исклучително ниска кога станува збор за ваков тип парк.
За да се олесни пристапот во новата атракција во Скопје, планирано е да има два влеза. Во новиот Дино парк ќе може да се влегува и од Градски парк и од Зоолошката градина.