Режисерот Спајк Ли е првиот Афроамериканец на чело на филмскиот фестивал во Кан

Американскиот режисер Спајк Ли годинава ќе биде претседател на жирито на Канскиот филмски фестивал, објавија организаторите. Ли и лани требаше да биде на чело на жирито, но Фестивалот беше одложен поради пандемијата на коронавирусот. Седумдесет и четвртото издание на Фестивалот, наместо традиционално во мај, годинава ќе се одржи од 6 до 17 јули.

Ли е првиот Афроамериканец што ќе биде претседател на канското жири, кое одлучува за една од најпрестижните филмски награди во светот, „Златна палма“. Во 2019 тој го освои првиот „Оскар“ за најдобро сценарио за „Црниот член на кју-клукс-кланот“. Голем дел од филмовите на Ли во годините беше прикажан во Кан, а „Црниот член на кју-клукс-кланот“ истата година ја доби „Златната палма“ од жирито.
Претседателот на Фестивалот, Пјер Лескур, рече дека го цени Ли поради неговата лојалност и неговиот дух.

„И покрај неизвесноста сите овие месеци, Спајк Ли никогаш не престана да нѐ поттикнува. Оваа поддршка, конечно, ќе се оствари и не ни можевме да се надеваме на помоќна личност за да ги одбележиме овие турбулентни времиња“, вели Лескур.

Изборот на филмови и составот на жирито ќе бидат познати на почетокот на јуни.

Фестивалот годинава ќе се одржи во Фестивалската палата. Доколку здравствените услови дозволат, тоа ќе биде првиот голем собир на филмаџии во светот по повеќе од една година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Spike Lee (@officialspikelee)

Scroll to Top