(Фото) Еруптираше вулкан во Исланд за првпат по 800 години: Исланѓаните одблизу ја следеа ретката појава 

Вулканот Фаградалсфјал во близина на исландската престолнина Рејкјавик неделава еруптираше и го обои небото над градот во црвено.

Според првичните информации, пукнатината е долга околу 200 метри, објави исландскиот Метеоролошки завод. Забележани се прскања на мали фонтани со лава, а вжештената маса достигна големина од околу еден квадратен километар, соопштија властите. Измерени се мали сеизмолошки флуктуации.

Исланѓаните добија ретка можност одблиску да сведочат на вулканската активност.  Илјадници луѓе се упатија кон планината Фаградалсфјал, која во петокот почна да исфрлува лава, откако пристапот во саботата беше одблокиран.

„Ова е апсолутно неверојатно. Мириса ужасно, но ми се допаѓаат боите“, изјави 21-годишниот Улвар Кари Јохансон.

Исланѓаните ја очекуваа ерупцијата веќе неколку недели, откако во земјата беа регистрирани повеќе од 50.000 земјотреси. Иако вулканот исфрли околу 300.000 кубни метри лава, експертите велат дека ерупцијата беше релативно мала и контролирана.

Scroll to Top