Во една неодамнешна студија научниците откриле дека поминувањето подолг период во вселената може да доведе до истите несакани ефекти на кои се изложени пливачите што пливаат на долги растојанија – и двете активности може да доведат до намалување на масата на срцето.
Истражувачите дошле до овој заклучок споредувајќи ја физичката состојба на астронаутот Скот Кели, кој поминал една година во вселената, со состојбата на маратонскиот пливач Беноит Лекомте. Во двете ситуации дошло до атрофија на органот, пишува Би-би-си.
Истражувањето го водел д-р Бенџамин Левин, професор на интерна медицина на Универзитетот во Тексас при Југозападниот медицински центар во Далас.
Истражувањето е важно затоа што дава значителен увид во тоа што може да се случи со астронаутите за време на долгорочните вселенски експедиции, како што е онаа на Марс, планирана од НАСА во следните децении.
„Истражувањата покажаа дека срцето е неверојатно пластично и се приспособува на притисокот на кое е изложено. Недостигот на притисок како резултат на недостигот на гравитација предизвикал срцето на Кели да изгуби маса. За време на летот во вселената, една од работите што се случува е тоа што веќе немате толку изразен крвен притисок кон горниот дел од телото бидејќи нема гравитација“, изјави Левин за Би-би-си.
Астронаутот Скот Кели поминал 340 дена на Меѓународната вселенска станица (ISS), делумно за да им овозможи на научниците да го испитаат влијанието на долгиот престој во вселената врз човечкото тело.
Од друга страна, се анализирал и случајот на пливачот Лекомте, кој во 2018 година пливаше во Тихиот Океан и успеа да исплива повеќе од две илјади и осумстотини километри за 159 дена пливајќи во просек речиси шест часа на ден по што тој се откажа.
Научниците успеаја да докажат дека временски долгото пливање има сличен ефект врз срцевиот притисок како и престојот во вселената и во услови без гравитација затоа што човекот поминува повеќе време во хоризонтална положба.
Тие исто така објаснуваат дека научниците подолго време го истражувале лежењето во хоризонтална положба со цел да симулираат услови како за време на летот во вселената, затоа што, дури и за време на лежење подолг временски период, се менува крвниот притисок, односно протокот на крв помеѓу главата и стапалата.
Според искуството на професорот Левин, најдобра позиција за истражување била позицијата во која едно лице лежи потполно рамно на грб или стомак. Така, по одредено време, крвниот притисок во телото се менува и предизвикува срцевиот мускул да ја намали својата маса.
„Гледајќи ја левата комора на срцето на г. Лекомте, видовме дека изгубил 20-25 проценти од вкупната маса за време на четири-пет месеци пливање. За време на една година во вселената, видовме и до 27 проценти намалување на срцевата маса кај астронаутот Кели“, вели Левин.
Добрата вест е дека процесот на намалување на срцевата маса може да се врати со редовно вежбање.
Имено, астронаутите имаат редовен и многу ригорозен план за вежбање. Иако ова помага, се чини дека не е доволно за да се минимизира влијанието на останувањето во вселената врз мускулите и коските.
„Тоа е интересно во науката, најмногу учиш кога откриваш работи што воопшто не си можел да ги предвидиш“, вели д-р Бенџамин.
Добрата вест е дека промените во срцето не се долгорочни. Пливачот и астронаутот закрепнале бргу по враќањето на копното и на Земјата.
Научниците исто така забележуваат дека да се биде во вселената може да го зголеми ризикот од оштетување на срцето, што може да се покаже катастрофално ако астронаутот доживее срцев удар во вселената.
Професорот Левин е дел од програмата Cipher на НАСА, во која уште десет астронаути ќе бидат испратени во долгорочни мисии.
View this post on Instagram