Краткиот анимиран филм „Карантин“ на Иван Андреевски, кој е по сценарио на Михаил Наумов и според приказната на Љубомир Саздовски, ќе игра во официјалната селекција за награди на најголемиот фестивал за анимиран филм во светот во Анеси, Франција.
Филмот „Карантин“, кој го изработи австралиско-македонска копродукција, е избран во фестивалската програма „Перспективи“. За годинешното издание во Анеси конкурирале 2.700 филма од речиси 100 земји. Угледниот фестивал стар над 60 години годинава ќе се одржи онлајн од 14 до 19 јуни.
Режисерот Андреевски живее во Мелбурн, Австралија. „Карантин“ е изработен во 3Д-комјутерска анимација, а продуценти се австралиското „3-блок студио“ и македонската „Флипбук продакшнс“ со Жарко Иванов.
Македонската премиера на „Карантин“ беше на „Флипбук филм фестивал“ во Скопје во август 2020, каде што ја освои специјалната награда на жирито, кое го оцени филмот како „мајсторски сработена анимација од млади автори, која укажува на тоа дека златното време на македонскиот анимиран филм е пред нас“.