Од пласманот на ЕП до победата над Германија и албумот со сликички на „Панини“, во кој првпат се и македонските фудбалери – селекторот Игор Ангеловски вели дека го живее својот сон.
Не само негов, туку и на многу гeнерации, кои 30 години чекаа Македонија да игра на Европско. Неодамна и тој, како и многумина, застана во редот да чека за да си купи албум со сликички.
Вели: „Нема тука ништо чудно. Јас сум татко на три деца – Лука, Луна и Леа, кои сакаат како и другите деца да имаат албум. Јас сум ист како и секој граѓанин и ќе го почитувам редот. Ме препознаа и сакаа да ме пуштат преку ред, ама јас тоа го одбив затоа што сечие време е вредно“, раскажува селекторот Ангеловски.
Ни откри дека како мал одел да се менува со сликички во Градскиот парк, а дека ќе оди и сега.
Фудбалот е детски сон, ама идол му бил кошаркарот Дражен Петровиќ. Не станал воен пилот оти не му дозволил татко му, кој е починат, и тоа токму на 31 март, што се совпаѓа со денот кога Македонија ја победи Германија.
„31 март секогаш за мене беше тажен ден. Татко ми е починат баш на тој ден. И, ете, ако го памтев по нешто неубаво, се случи на тој ден Македонија да ја победи Германија и за мене тоа е нешто на што сум посебно горд. Пред сè, на фудбалерите што играат со срце“, раскажува Игор.
Не му било лесно на мартовскиот собир. Од една страна, сопругата Тања, која имала корона, па биле часови во прашање и можело сè фатално да заврши, а од друга, натпреварот со Германија.
Со Тања се заедно од 1995. Тогаш почнала љубовта и сега имаат три деца. Кога не е селектор, тој е татко што сака да биде со семејството и да ги прават сите работи што ги прават и другите.
По пласманот на ЕП, сакаа да го сменат. Односите со ФФМ се на стаклени нозе, па со Ангеловски зборувавме и за тоа.
„Пандев рече дека сакале да ме сменат. Од таму не чув демант. Јас, пак, ќе речам, кога Пандев зборува за фудбалот, другите треба да молчат. А јас само си ја вршам мојата работа. Репрезентацијата е многу компактна, па ќе треба малку појако оружје за да може да се сруши таа тврдина“, вели Ангеловски
Од муабетите во соблекувалната, преку тоа како отиде во Џенова да го врати Пандев во репрезентацијата, за победета над Германија и зошто со ФФМ се во ладна војна, дознавме преку муабетот. Но, и за бракот, децата, родителите, зошто не стана воен пилот… гледајте во интервјуто.
Александра Георгиев