Германската компанија „Семик РФ“ наскоро ќе овозможи почеток на тестирање на луѓе за ковид 19 со скенирање на очното јаболко. Според нив, потребни се само три минути за да се идентификува носителот на вирусот, додека точноста на тестот е 95 проценти.
Компанијата „Семик РФ“, чие седиште е во Минхен, ја разви апликацијата со свои колеги од САД и чека одобрување од регулаторните организации.
Апликацијата користи фотографија од очното јаболко направена од паметен телефон, а вирусот се идентификува ако, или кога, постои симптоматско воспаление, кое се нарекува „розово око“.
„Успеавме да го изолираме постоењето на коронавирусот од повеќе од два милиони различни розови нијанси“, изјави директорот на компанијата, Волфганг Грубер за „Ројтерс“.
Тој додава дека апликацијата е веќе тестирана на над 70.000 луѓе и дека може да процесира до милион скенирања во секунда. Постои можност за зголемување на тој капацитет, така што ова би можело значително да придонесе за враќање на повеќе луѓе на масовни настани, како што се концерти или натпревари.
Кога корисникот ќе ги преземе апликациите, треба да ги фотографира двете очи, свои или туѓи, а потоа да ја испрати фотографијата за проценка. Добиениот резултат може да се зачува како QR-код во телефонот на тестираното лице.
Апликацијата првично беше планирана за компании и комерцијални корисници по цена од 480 евра месечно, а подоцна беше планирана и за физички лица.