Олимпијадата во Токио е во опасност да биде повторно одложена, поради четвртиот бран на коронавирус кој се случува во Јапонија, пренесуваат светските медиуми.
На помалку од 100 дена од почетокот на Игрите, новиот бран на ковид во Јапонија зема сериозен замав, а постојат стравови дека тој може да ги надмине претходните три.
Бројката на случаи на заразени со коронавирус постојано се зголемува од почетокот на март, а од неделава во ден се јавуваат по 4000 нови случаи.
Досега, од првиот регистриран случај на коронавирус во Јапнија, се забележани 500.000 инфекции и речиси 10.000 смртни случаи. Јапонската влада предводена од премиерот Јошишиде Суга е решена да ги одржи Олимписките игри, кои беа закажани за лани,
Засега од таму негираат дека четвртиот бран може да ги загрози Игрите. Исто така, владата одбива да прогласи трета вонредна состојба, но, е под постојан притисок од медицинските лица, кои се погласно зборуваат против владините ставови.
Претседателот на Јапонската медицинска асоцијација Тошио Накагава во средата изјави дека е неопходна вонредна состојба за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Харуо Озаки, претседателот на Медицинската асоцијација на Токио вели дека ако заразата се прошири, ќе биде навистина тешко да се одржи Олимпијадата во нејзината регуларна форма, со спортисти од целиот свет, дури и без гледачи.
Дури владиниот советник за здравство, Шигеру Оми, сведочеше пред парламентарна комисија неделава дека нема сомнеж дека Јапонија влегува во четврт бран на инфекции.
Во четвртокот, вториот човек во владејачката партија ЛДП, генералниот секретар Тоширо Никаи, кажа дека Олимпијадата можеби треба да се одложи.
„Која е поентата на Олимписките игри ако поради нив почне да се шири заразата?“, праша тој во телевизиско гостување.