Активистката за клима Грета Тунберг денес изјави дека владите, производителите на вакцини и меѓународната заедница мораат да направат повеќе во борбата против нерамноправната распределба на вакцините во светот и најави дека од својата фондација ќе донира 100.000 евра помош за програмата „Ковакс“.
Шведската тинејџерка, која стана инспирација за продолжување на меѓународното еколошко движење за борбата против климатските промени, наведе дека во богатите земји, секоја четврта личност примила вакцина против коронавирусот, додека во сиромашните само една од 500.
Тунберг изјавила дека е неетично земјите со висок доход сега да ги вакцинираат младите и здрави луѓе, на штета на ризичните групи и оние кои се наоѓаат на првата линија на одбрана против пандемијата во сиромашните земји.
Светската здравствена организација, објави дека минатата недела во светот се регистрирани 5.2 милиони нови случаи на заразени од коронавирус, што е нов максимум.