Утрото ми почнува со онлајн часовите, кои ги почнувам буквално од кревет. За време на наставата не можам долго да седам на столче.
Поради хроничните проблеми со вратот и грбот, прекинав со физикална и фитнес терапија, пешачење и други физички активности. Сега часовите ги одржувам улежано во хоризонтала.
Тогаш се чувствувам како мечка во зимски сон. Ми недостигаат утрата кога трчав по автобусот за да стасам во Корчагин, каде ќе го испијам чајот пред почеток на часот. Јас мудрувам во тишината на чаевите.
Ги доживувам како различни битија кои влијаат врз духот и здравјето, расонуваат и успиваат, орасположуваат, лекуваат, разубавуваат, замислуваат, одгатнуваат, а притоа сите мирисаат различно.
Кафе не научив да пијам ни по стари години. Кафињата имаат своја амбиеталност, сакаат муабети и бараат соговорници. Јас не се поклопувам со темата кафе, не сум кафеџика, но, сакам да пијам какао во моето омилено култно место и во разговор со драги луѓе.
Наутро имам посебен ритуал. Правам куси вежби за вратот за да се откочам. Потоа се мијам со сапун, ги средувам забите со сода бикарбона и паста за заби.
Користам крема за лице, но, најмногу уживам во облекувањето. Престанав да се шминкам откако почнавме да имаме онлајн настава.
Позитивната мисла која ме води низ денот е „остани добра и во лошо, мисли добро, прави добро и ќе биде подобро“.
И покрај домашните обрски, успевам да зграпчам драгоцени слободни моменти и да избегам во природа. Било каква и било каде, само да има земја, песок, трева, дрвја, инсекти, и понекое полско цвеќенце.
Добар утрински оброк, пролом вода, чај и сок од портокали е мојот рецепт за утринска убавина.
Облеката ја одредувам според условите и приликите. Сметам дека стилот се гради од најмали нозе, градуира со годините и бара соодветност со времето, местото и возраста. Секогаш внимавам да изгледам барем пристојно и културно, без оглед што не ми е денот.
Кафе-муабет со Татјана Алексиќ, професор во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“