Три лица се повредени во тепачка која избила меѓу македонски и хрватски навивачи во Австралија. Тепачката се случила за време на натпреварот меѓу фудбалските клубови од Сиднеј, Рокдејл Илинден и Сиднеј Јунајтед 58. Еден од навивачите е уапсен.
Инцидентот се случил откако еден навивач влегол на теренот и тргнал кон еден од играчите, велат полициските служби.
„Тој беше исфрлен од теренот и тоа предизвика тензии, но тоа не е изговор за вакво однесување. Благо кажано е дека сум згрозен од ова однесување. Срамота е ова да се случи на ваков убав ден. Ваквите морони ги расипуваат работите за сите “, изјавил детективот Тони Кук.
Тој вели дека уапсениот 23-годишник носел сечило од косилка за трева и дека е обвинет е за носење оружје со намера да направи кривично дело.
На социјалните мрежи се споделуваа видеа од инцидентот, на кои се гледа како навивачите се пресметуваат со пластични гајби, камења, цигли, метални шипки и факели.
Рокдејл Илинден е основан и поддржуван од македонски иселеници, додека Сиднеј Јунајтед 58 е клуб на хрватските иселеници.
Натпреварот меѓу Рокдејл Илинден и Сиднеј Јунајтед 58, кои играат во НПЛ, второ по ранг натпреварување во Австралија, заврши 0:0. Рокдејл Илинден е прв на табелата.