Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, изјави дека нема намера да го преземе фудбаслкиот клуб „Вардар“ додека не бидат подмирени долговите.
Поранешниот сопственик на Вардар Сергеј Самсоненко направил долг од 3.5 милиони евра по што си замина од клубот, а ова е главната пречка за заинтересираните финансиери да инвестираат во најтрофејниот македонски фудбалски колектив во Македонија.
„Вардар си е приватен клуб. И некој кога одлучил да го продаде пред седум години требало да најде механизам како да се покријат долговите во еден ваков случај. Град Скопје во ваква ситуација не може да преземе приватен клуб со долг од 3,5 милиони евра“, изјави Шилегов.
Шилегов за Сител изјави дека инвеститори од Катар се заинтересирени да го преземат Вардар, но Градот не прифаќа да го презеде раководењето со клубот сѐ додека има долгови.
При потпишувањето на договорот помеѓу Град Скопје и Сергеј Самсоненко при преземањето на клубот Русинот се обврзал да го врати клубот на градот без никакви долгови.
Сега, тој повторно како и минатата година понудил гаранции дека долговите ќе ги отплати до крајот на годината. Минатата година Самсоненко се откажа од Вардар и вети дека сите долгови ќе ги подмири до 31 декември 2020 година.
Откако помина тој рок, Самсоненко даде ново ветување дека до крајот на февруари ќе го стори истото, но и тој рок не беше испочитуван. Сега тој даде повторно ново ветување дека ќе ги подмири долговите до крајот на оваа година.
– Инвестицијата од Катар не е затворено прашање. Но, за да се заокружи и тој процес треба да добиеме гаранција за враќање на средствата од актуелното раководство – вели Шилегов.