Метростаница во Брисел, Белгија, е именувана според кралицата на ромската песна Есма Реџепова. Оваа одлука доаѓа со цел да им се оддаде почит на жените кои придонеле во обликувањето на историјата на Европа, пренесуваат белгиските медиуми.
Во Брисел 69 станици носат имиња на влијателни жени, од различна област. Покрај името на Есма, се наоѓаат и имињата на Ангела Меркел, Коко Шанел, Роза Луксембург и други.
-Ја редизајниравме мапата на метрото во Брисел, со цел да им оддадеме почит на овие жени, кои ја обликуваа европската историја. Само две станици во Брисел беа именувани според жени, кога се улиците во прашање, дури 14 пати повеќе се сретнуваат имиња на мажи, отколку на жени, а во Париз само четири од вкупно 302 метростаници се именувани според жени – велат од здружението ,,Пријатели на Европа” кои стојат зад проектот.
Есма почина во Скопје во декември во 2016 година по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст. Ја паметиме како естраден уметник за кој пишуваа и светски престижни весници како „Ле Монд“ и „Њујорк тајмс“, како хуманист и чувар на ромската и на македонската песна, активист, пријател и жена. Во 2013 година ја доби и титулата национален уметник на Република Македонија. Во текот на 55-годишната кариера одржа над 12 илјади концерти ширум светот, сними 15 албуми и посвои 48 деца. Има објавено две монографии за Есма. Во 2013 година со Лозано нѐ претставуваше на песна на Евровизија во Малме, Шведска, со песната „Пред да се раздени“.