Ѕверка се враќа во продолжението на „Сексот и градот“

Иако првично беше објавено дека Крис Нот (познат како Ѕверка во серијата) нема да учествува во снимањето на новите епизоди од серијата „Sex and the City“, сепак HBO соопшти дека дошло до промена.

Американскиот актер прифати да учествува во снимањето на новата сезона, која се вика „And Just Like That…“ и за истата потпишал договор. Тој повторно ќе го глуми Ѕверка, но сè уште не е познато дали ќе се појави во сите десет епизоди од серијата.

„Воодушевен сум што Нот ќе се приклучи на снимањето на новите епизоди од серијата. Како би можеле воопшто да снимаме ново поглавје од оваа приказна без него?“, рече продуцентот на серијата Мајкл Патрик Кинг.

Во јануари беше најавено дека Кристин Дејвис, Сара Џесика Паркер и Синтија Никсон ќе се вратат во улогите на Шарлот, Кери и Миранда во обновената верзија чии извршни продуценти ќе бидат Паркер, Дејвис, Никсон и Кинг.

Дејството наводно ќе се врти околу трите пријателки кои сега се во петтата деценија од животот. Новата сезона ќе се состои од десет 30-минутни епизоди, а снимањето започна пролетва во Њујорк.

Приказната во „Sex and the City“, што почна да се емитува во 1998 година, се вртеше околу секс-колумнистката Кери Бредшо (Паркер) и нејзините пријателки Миранда Хобс (Никсон), Шарлот Јорк (Дејвис) и Саманта Џонс (Катрал), нивните врски и љубов кон модата во Њујорк. Серијата се емитуваше шест сезони, освои седум Еми награди и осум Златни глобуси.

Серијата се снимаше според истоимената книга на Кендис Бушнел и иако добиваше пофалби за рушење на секс табуата, сепак наиде и на критики поради недоволниот диверзитет и ноншалантното третирање на некои многу важни теми, како расната дискриминација и еднодимензионалното и стереотипно претставување на одредени групи граѓани.

Scroll to Top