Огромна дупка со пречник од 60 метри ги исплаши луѓето во централно Мексико. Дупката се наоѓа во полињата во Санта Марија Закатепек, а во нејзина близина се наоѓаат и неколку куќи.
Гувернерот на државата Пуебла, Мигел Барбоса Уерта, рече дека сите семејства кои живееле во близина на дупката се евакуирани, а другите биле предупредени да се тргнат од оваа област.
На почетокот дупката имала пречник од пет метри, но се раширила за само неколку часа. Дупката е исполнета со вода и постојано се поместува.
„Веруваме дека станува збор за омекнување на земјата и поместување на подземните води“, рече Беатриз Манрика, која работи како секретар за животна средина.
Властите веднаш започнале со истрага, а нализата на земјиштето би можела да потрае и до 30 дена. Тие велат дека ваквите дупки се појавуваат од повеќе причини, како што е ерозијата на камења под површината на земјата, додека во исто време поминуваат подземни води.
Тоа предизвикува празнење, поради што земјата се руши, велат тие.