Вашингтон почна да дава џоинти за да го поттикне вакцинирањето против короната

Американската држава Вашингтон почна да нуди бесплатен џоинти на сите возрасни кои ќе се вакцинираат. Слична кампања со марихуаната најави и сојузната држава Аризона. Оваа иницијатива, наречена „Џоинти за вакцини“, ја одобри бордот за алкохол и канабис на Вашингтон и ќе трае до 12 јули.

Нивната идеја е продавниците што имаат лиценца за продажба на марихуана да им даваат однапред направен џоинт на полнолетните лица, но откако тие ќе ја примат првата или втората доза од вакцината.

Повеќето продавници за марихуана се заинтересирани да ја поддржат програмата за имунизација. Инаку, веќе постојат промоции во кои им се дава бесплатно пиво, вино или коктел на полнолетните лица кои се вакцинираат.

Ова е само една од многуте иницијативи низ земјата за да се поттикне имунизацијата. Охајо организира лотарија каде премијата е милион долари, а на некои места има можност да се добие ловечка пушка, сачмарка или бесплатен билет за забавен парк.

До 7 јуни, 58% од жителите на Вашингтон ја примиле првата доза, а 49% се целосно вакцинирани.

Scroll to Top