На Олимпијадата во Токио нема да има ни секс ни алкохол

На Олимписките игри што ќе се одржат во Токио во јули и август, нема да има ни секс ни алкохол, велат организаторите. Тие прво им забранија на олимпијците да имаат секс во Олимпиското село бидејќи таму ќе мора да се почитува физичката дистанца, а сега се откажаа и од идејата да им дозволат на гледачите да пијат алкохол на стадионите. Алкохолот ќе биде забранет и во Олимпиското село, но организаторите им дозволија на оние што сакаат да прослават, да пијат сами во своите соби.

„Одлуката ја донесовме со цел Олимписките игри да бидат сигурни и безбедни во време на пандемија“, изјави претседателката на организацискиот комитет, Сеико Хашимото.

Таа вели деке се свесни дека пиењето алкохол на трибините може да придонесе гледачите да се опуштат, да викаат и навиваат и да ги занемарат препораките за дистанцирање.

Во Токио пред неколку дена беше укината вонредната состојба, но сè уште постојат строги ограничувања во врска со пиењето алкохол.

Организаторите на Олимпијадата пред неколку месеци забранија присуство на странски гледачи, а домашните ќе мора да носат маска, да почитуваат социјална дистанца, да се воздржат од навивање и потоа да одат директно дома.

 

Scroll to Top