Концертите и свирките повторно се вратија. Вечерва на кровот на Трговскиот центар „Сити мол“ се одржа „Скопје анплагд фестивал“ со Студени нозе, Игор Џамбазов и Гуре Харе, како и екс-југословенскиот бенд Ван Гог.
За време на мини-концертот на Игор Џамбазов речиси и да немаше празно место.
Концертот го започна со песната „Вирус блуз“, а потоа следеа и „Каква е оваа ситуација“, „Тие“, „Право дома“. Ги потсети своите фанови на концертот за време на нападот на НАТО врз Србија каде присуствувале едвај 30-тина со песната „Стварно добар ритам“. Песните се редеа една за друга, а публиката неуморна пееше и играше и покрај толото време.
Ја искористи и приликата и да ја промовира најновата песна „Love is good“, инспирирана од неговата сакана, алпинистката Илина Арсова.
За крај тој им оддаде почит на сите кои прерано починаа. Пееше за Зоран Џорлев, Драган Вучиќ, Нина Спирова, за Ѓорѓе Балаѓевиќ со песната „Ако умрам ил загинам“, замолувајќи ја публиката со своите телефони да направат ѕвездено небо.
Марија Прличкова