Хрватскиот иноватор Мате Римац го презема „Бугати“

Kомпанијата на хрватскиот иноватор и претприемач Мате Римац, „Римац автомобили“, станa мнозински сопственик на „Бугати“, eдно од најпрестижните имиња во светот на суперлуксузните брзи автомобили. Групацијата Римац ќе поседува 55 % од акциите на „Бугати“.

Хрватската компанија сега ќе се преименува во „Римац група“ и ќе биде поделена на два дела – „Бугати Римац“ и „Римац технологија“. Седиштето на новата компанија ќе биде во Хрватска, а двата бренда ќе продолжат да развиваат модели на автомобили во рамките на компанијата.

„Ова е пресврт во историјата на компанијата. Се здружуваме со иконата на автомобилските брендови во нова автомобилска и технолошка компанија. За само десет години, ‘Римац автомобили‘ напредуваше од стартап-компанија и еден човек во гаража, до ‘Бугати Римац‘, компанија што соработува со ‘Порше‘ и ‘Фолксваген група‘“, соопшти Мате Римац.

Пред повеќе од еден месец Римац објави дека ќе почне со сериско производство на својот хиперавтомобил „невера“, кој е најбрзиот автомобил во светот. Со овој автомобил неодамна се возеше и претседателот Стево Пендаровски додека беше во официјална посета на Хрватска.

 

Scroll to Top