Возбудливите фудбалски натпревари, кои предизвикуваат бурно навивање и многу емоции, може да предизвикаат срцев удар, стои во истражувањето на германските научници. Според нив, за време на Светското првенство во фудбал во 2014 година, бројот на лица кои биле хоспитализирани поради инфаркт значително се зголемил.
Тие зеле податоци од болниците и ги споредувале бројките на прием на пациенти во болниците и смртноста што настанала како резултат на срцев удар во четири различни временски периоди.
Во јули 2014 за време на СП, во Германија имало 18.479 приеми во болниците, 3,7% повеќе во споредба со истиот период во 2015 и 2,1% повеќе од 2013 година. Во август 2014 година, по завршувањето на СП, стапката паднала за 5,4%.
Стапката на смртност на пациентите со инфаркт била најголема на денот на финалето, во кое Германија ја победи Аргентина со 1:0.
„Гледањето фудбал може да влијае на вашето срце, нема сомнеж. Затоа лицата од ризични групи треба да бидат особено внимателни за време на актуелното Европско првенство и притоа да намалат со алкохолот и да не пушат. Ова не се однесува на сите мечеви, туку само на оние за кои гледачите се особено возбудени“, изјави кардиологот Томас Мајнерц.