Курц ќе стане татко, со партнерката Сузане чекаат прво дете

Австрискиот канцелар Себастијан Курц и неговата долгогодишна девојка Сузане Тир ќе станат родители за првпат. Политичарот се пофали со среќната вест на својот инстаграм-профил. Курц (34) и неговата девојка Сузане Тир (35) го очекуваат своето прво дете кон крајот на ноември или почетокот на декември.

„Пресреќни сме и благодарни што наскоро ќе бидеме тројца. Нѐ очекува прекрасна заедничка задача, на која се радуваме со големо исчекување. Ве молам за ваше разбирање за да можеме својот приватен живот да го задржиме приватен како и претходно. Сепак, среќни што можеме со вас да ја споделиме оваа радост“, напиша шефот на конзервативната ОВП под заедничката фотографија со партнерката, на социјалните мрежи.

Според пишувањето на австрискиот весник „Кронен цајтунг“, веќе долго време кружат гласините за тоа дека Курц и неговата долгогодишна девојка очекуваат дете, како и за нивната венчавка.

Тир е во моментот во четвртиот месец од бременоста, а двајцата се вљубиле уште во средното училиште.

 

Scroll to Top