Македонскиот гитарист Влатко Стефановски вечерва ќе свири во Античкиот Театар во Охрид. По успешната мини турнеја во Хрватска и Словенија, македонската публика ќе има можност да ужива во звуците на нашиот најголем гитарски виртуоз.
Концертот ќе почне во 21 часот, а покрај Влатко ќе свири и неговиот син, талентираниот тапанар Јан Стефановски на басистот Иван Куќиќ. Публиката ќе има ексклузивна можност да го слушне материјалот од најновиот албум „Тафталиџе Шафл„ кој Влатко го издаде минатата година.
Албумот е издаден за Кроација Рекордс на ЦД и винил и истио се најде на врвот на официјалната листа на продажба на албуми во Хрватска.
„Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика и многу сум задоволен од резултатот. Се радувам дека повторно ќе се дружиме со македонската публика. Време е да се вратиме на старите задоволства и да уживаме“, рече Влатко Стефановски во пресрет на охридскиот концерт.
Концертот е во организација на Баги Комуникации и од таму најавуваат дека испочитувани сите протоколи за заштита од Ковид 19 и ќе биде целосно безбеден за публиката.