Англискиот рок-музичар Били Ајдол, по седум години, сними неколку нови песни. Тој најави дека на 17 септември ќе го промовира мини албумот The Roadside, кој ќе има само четири песни. Првата од нив е Bitter Taste.
Песната што Ајдол ја промовира е автобиографска, а се навраќа на тешката мотоциклистичка несреќа на пејачот од 1990 година по која тој не можел да оди речиси 12 месеци. На песната свири и неговиот гитарист Стив Стивенс, со кој соработувал многу години.
„Мислам дека сите малку се осврнавме на минатото за време на пандемијата. Таа несреќа ми беше повик за будење по што го оставив непослушниот младешки Били зад себе и станав попосветен татко и почувствителен музичар“, изјави 65-годишниот Ајдол.
Популарниот музичар призна дека животот уште повеќе му се променил откога лани станал дедо. Тој ја доби внуката Попи Ребел од ќерка си Бони Броуд.
„Кога се роди Попи, станав уште поемотивен. Сè е ново искуство во врска со неа и на некој начин самиот повторно ги проживувам тие искуства“, вели Ајдол.