Американците го обвинија поранешниот претседател Барак Обама за ширење корона, откако правеше роденденска забава на островот Мартас винјард. По журката на Обама за неговиот 60. роденден, бројот на заразени на островот се зголеми за 158 луѓе, а локалната болница се полни со болни, пишуваат американските медиуми.
Забавата беше организирана на 7 август, а десетина дена потоа почна да расте бројот на заразени. Ова е најголем број заразени на Мартас винјард од почетокот на пандемијата, тврдат официјалните лица. Според локалниот весник „Винјард газет“, тројца пациенти се во критична состојба, а една личност е префрлена во болница во Бостон. На островот има само една болница и од почетокот на пандемијата во неа се лекувани само двајца пациенти заболени од коронавирус.
„Сега имаме полни раце работа. Не можеме да издржиме. Уште ги следиме контактите и утврдуваме од каде почнал да се шири вирусот“, рекла Дениз Скеписи, управничка на болницата, која не сака да го обвини поранешниот претседател.
Од минатата недела здравствените власти на островот донесоа одлука во затворен простор задолжително да се носат заштитни маски. Бројот на заразени на островот значително опадна во мај, но сега повторно расте.
За потсетување, Барак Обама првично најави голема забава со 475 гости, но по реакциите од јавноста и предупредувањата од здравствените власти за опасноста од ширењето на делта-сојот, тој ја намали бројката на стотина гости. Забавата се одржа на неговиот имот вреден 12 милиони долари, траеше два дена, а меѓу гостите беа и Џеј Зи, Бијонсе, Џон Леџенд, Том Хенкс, Бредли Купер и други. Бидејќи дојдоа од разни краишта на земјата, поголем дел од гостите отседнаа во хотел каде подоцна се откриени седуммина позитивни.