По три одложувања новиот филм за Џејмс Бонд конечно ќе има премиера

Премиерата на најновиот филм за Џејмс Бонд, „Не е време за умирање“, конечно е закажана за 28 септември, објавија студијата „Ем-џи-ем“ и „Јуниверзал“. Филмот за најпопуларниот таен агент ќе има премиера во кината, една и пол година по првата најава и по три одложувања поради короната.

Светската премиера филмот ќе ја има во кината во Европа, а филмот ќе биде прикажан во САД на 8 октомври.

Првично, „Не е време за умирање“ требаше да има промоција во април 2020, но таа беше откажана, оти пандемијата лани во март ги затвори киносалите низ светот.

Снимањето на филмот чинеше околу 200 милиони долари. Истовремено, ова е последниот филм за 007 во кој се појавува Даниел Крег. Британскиот таен агент во следниот филм ќе го глуми друг актер, но за сега не се открива кој ќе биде неговиот наследник.

Претходно, Бонд го глумеа Шон Конери, Џорџ Лазенби, Роџер Мур, Тимоти Далтон и Пирс Броснан.

Scroll to Top