Еден од најголемите грчки композитори, Микис Теодоракис, почина на 96 години. Тој стекна светска слава со музиката за филмовите „Гркот Зорба“ и „Серпико“. Во јавноста е познат и по своите антимакедонски ставови кои често ги изразуваше јавно.
Роден е на 29 јули 1925 година на островот Хиос во Грција. Уште од дете бил фасциниран од музиката. Бил самоук и како мал пишувал песни иако немал инструменти. По учеството во отпорот против окупаторот во Втората светска војна, кога бил измачуван, тој се запишал на Конзерваториумот во Париз, каде што студирал музичка анализа во класата на Оливие Месајен и диригирање кај Јуџин Бигоа.
Неговите први симфониски дела „Концерт за пијано“, „Прва свита“ и „Прва симфонија“ доживеаја меѓународен успех.
Тој освои златен медал на Московскиот музички фестивал во 1957 година, а во 1959 година Дариус Мило го номинира за американската музичка награда „Копли“ за најдобар композитор на годината.