„Офком“, кој ги регулира британските телевизии, одлучи дека водителот Пирс Морган не прекршил ниту едно правило кога го коментирал интервјуто на Опра Винфри со Меган и Хари. По добиената битка, Морган ја нарече Меган – Пинокио и побара да биде вратен на работа.
„Пресреќен сум што „Офком“ го поддржа моето мислење и не верувам во бомбастичните изјави на Меган и Хари што ги дадоа кај Опра, а кои подоцна се покажаа како невистини. Ова е голема победа за слободата на говорот и силен пораз за принцезата Пинокио. Може ли сега да си ја добијам работата назад?“, напиша тој на „Твитер“.
За потсетување, пред половина година тој ја нападна кралската двојка во една од емисиите на Би-би-си по што заработи отказ. Тој рече дека Меган и Хари лажеле кај Опра кога открија голем дел од кралските пикантерии.
Контроверзниот британски водител долго време беше заштитно лице на емисијата „Добро утро, Британијо“ и беше познат по својот остар речник. Тој никогаш немаше проблем да го каже своето мислење, а често знаеше да биде и претерано театрален.
Пред половина година излезе од студиото за време на снимањето на една од емисиите во телевизијата по критиките поради неговите остри коментари за Меган и Хари.
Морган рече и дека никогаш не добил отказ од телевизијата, туку дека самиот си заминал и тоа само затоа што не сакал јавно да ѝ се извини на Меган.