Дилерот на Мајкл Вилијамс би можел да биде обвинет за прераната смрт на американскиот актер

Дилерот кој му доставувал дрога на Мајкл К. Вилијамс би можел да биде обвинет за прераната смрт на американскиот актер. Семејството го пронајде Вилијамс мртов, во неговиот дом во Бруклин, во понеделникот на 6 септември.

Иако досега не е направена обдукција, се претпоставува дека Вилијамс починал од предозирање. Како што пренесуваат американските медиуми, дилерот кој го снабдувал сега е под истрага на полицијата и би можел да биде обвинет за убиство.

„Полицијата во моментов има една мисија, да го лоцира човекот кој на Вилијамс му продавал дрога. Се верува дека се работи за хероин“, открил неименуван извор за ТМЗ.

Вилијам долго време имал проблем со дрогата и психолошките проблеми. За него тешките моменти почнале уште во раната младост. Тој во февруари годинава гостуваше во Tamron Hall шоуто и таму откри како почнал да се лечи во една клиника за ментално здравје.

„Забележав дека многу посериозно се гледам себе откако почнав да одам на тие сеанси. Почнав да чувствувам критики во мојата глава, подобро да ги разбирам моите постапки, реакциите за одредени ситуации, односите кои ги имам со другите луѓе“, рече глумецот.

Во тоа време, Мајкл го промовирал филмот Body Brokers, во кој се работело за озлогласен центар за лечење од дрога во Лос Анџелес.

Тогаш Вилијамс рече дека му се превртувал желудникот од некои од приказните во филмот кои се занимаваат со капитализам и експлоатација, а кои се присутни во таквите центри.

„Дрогата и алкохолот не се проблеми, тие се само симптоми на проблемот. А кога тие работи ќе исчезнат, кога еднаш засекогаш ќе ги решите, е тогаш почнува вистинската работа, со сите ваши карактерни мани, морален компас, искривување на моралниот компас“, рече Вилијамс.

Во минатогодишното интервју за Men’s Health, ѕвездата од „Жица“ откри дека во раната младост неколку пати се обидел да се самоубие.

„Тогаш чувствував болка, премногу болка и трауми со кои не знаев како да се носам. Мајка ми беше многу строга. Беше одлучна и правеше сè за двата сина не ја полудат. Начинот на кој ме штитеше ме донесе до мрачниот пат, што на крајот резултираше со обид за самоубиство. Имав само 17 години и бев изгубен. Ми беше непријатно со девојка ми, а тоа беа чувствителни години за мене. Уште тогаш земав некакви лекови и си мислев дека светот можеби ќе биде подобро место без мене. И тогаш зедов цело шише таблети. Се разбудив откако ми го исчистија желудникот“, рече Вилијамс.

Неговиот проблем со дрогите го достигнаа врвот кога ја добил улогата во популарната серија „Жица“, а медиумското внимание само ја влошило ситуацијата.

„Не се чувствував доволно вреден. Чувствував како да не заслужив да го играм Омар. Можев да го користам како алат, како средство за негување на себе. Таа улога за мене беше катарзична, можеше да ми помогне да се чувствувам подобро во врска со  себе, но го упропастив сето тоа“, рече Вилијамс во интервјуто.

Дури откако во Њу Џерзи запознал свештеник кој бил подготвен да му помогне, актерот го почнал неговиот вистински пат на закрепнување.

„Тогаш свртив нова плоча. Бев опкружен со солидни, квалитетни луѓе, особено кога играв така мрачни и тешки улоги. Едноставно се обидував да бидам одговорен, да се заштитам колку што можам“, рече тој.

 

 

 

 

 

Scroll to Top