Француската режисерка, Oдри Диван, го освои Златниот лав на 78 филмски фестивал во Венеција, за филмот „Настан“. Таа е шестата жена која освоила Златен Лав досега. Покрај неа оваа наград аја имаат добиено и Клое Жао, која годинава беше дел од жирито. Лани победи Маргарета Фон Трота, со Маријане и Јулијане“, потоа Ањес Варда со „Вагабонд“, Мира Наир со „Монсунска венчавка“ и Софија Коопола со „Некаде“.
Претседателот на жирито, корејскиот оскаровец Бон Јон-хо, рече дека сите во жирито гласале за Диван, а нејзиниот филм ја освои и наградата на критиката ФИПРЕСЦИ. Во филмот станува збор за абортусот на млада дама во шеесетите години.
Паоло Сорентино освои Сребрен лав за најдобар филм за „Божја рака“, а Филипо Скоти за најдобар млад актер за улогата во овој филм. Џејн Кемпион освои Сребрен лав за најдобра режија за „Моќта на песот“. Меги Џиленхал е наградена за најдобро сценарио за нејзиното режисерско деби „Изгубената ќерка“.
Пенелопе Круз освои награда за најдобра актерка за „Паралелни мајки“ на Педро Алмодовар, а најдобар актер е Филипинецот Џон Арчила во „На работа: Исчезнатите 8“. Италијанскиот автор Микеланџело Фрамартино освои Специјална награда на жирито за „Дупка“.
Во селекцијата Хоризонти најдобар филм е „Аџија“ на Луринас Бареиша.
Во Хоризонти светска премиера имаше и косовскиот филм „Вера сонува за морето“ на дебитантката Калтрина Красниќи, во кој копродуцент е и Македонија со „Дрим фектори“. „Вера сонува за морето“ освои две од паралелните награди на Венецискиот фестивал кои ги доделуваат други институции. Дебито на Красниќи ја освои специјалната награда „Валентина Педичини – авторки под 40 години“. Исто така, ја освои и наградата „Едипо Ре за инклузија“, што ја доделува Универзитетот во Падова и на филмот ќе му донесе кинодистрибуција во 5 италијански градови.
Во филмот главната улога ја игра макдонската актерка Теута Ајдини-Јегени, а игра и Рефет Абази. Сценариото е на Дорутина Баша, кинематографер е Севдије Кастрати, монтажер е Владимир Павловски, снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук е Дарко Спасовски, а македонски продуцент е Огнен Антов.