Два дена откако Пјонгјанг потврди дека е тестирана нова ракета, прва по шест месеци, Северна Кореја утринава на источниот брег лансираше два неидентификувани проектили, соопштија од јужнокорејската војска.
Началникот на здружението на генералштабот на јужнокорејската војска, соопшти дека севернокорејските проектили, денес биле лансирани во правец на територијалните води на источниот брег на Корејскиот полуостров, но, не даде повеќе детали за типот на проектилите.
„ТАСС“ потврди дека Северна Кореја во период од пет минути лансираше два проектили во правец на Јапонското море, а владата во Токио изрази надеж дека севернокорејските проектили нема да паднат во територијалните води на Јапонија.
Северна Кореја во понеделникот соопшти дека во текот на викендот двапати тестирала новоразвиени крстаречки ракети, а државните медиуми објаснија дека ракетата е стратешко оружје од големо значење, имплицирајќи дека проектилот е развиен со намера да се вооружат нуклеарните боеви глави.
Експертите укажуваат дека од севернокорејскиот тест, може да се заклучи дека Кореја настојува да го засили својот арсенал со оружје, поради застојот во преговарачкиот прцес со Вашингтон.
Ова најново лансирање е изведено додека кинескиот министер за надворешни работи, Ванг, престојувал во Сеул, во посета на јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин и други високи официјални лица, за да ги охрабри повторно да ја активираат суспендираната нуклеарна дипломатија со Пјонгјанг.
Преговорите меѓу САД и Северна Кореја се во застој од 2019 година, кога Американците го отфрлија предлогот на Пјонгјанг за ублажување на санкциите во замена за демонтажа на еден застарен нуклеарен објект.
Владата на Ким досега ги отфрли обидите на Вашингтон за обнова на дијалогот, барајќи од администрацијата на Бајден да се откаже од нејзината непријателска политика.
Повторното тестирање на Северна Кореја, може да се толкува и како обид да се изврши притисок на администрацијата на Бајден поради дипломатското замрзнување, откако Ким не успеа да се договори со поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, за намалување на воените потенцијали во замена за економска помош.