Режисерот Роџер Мичел, најпознат по филмовите „Нотинг Хил“, „Венера“ и „Мојата братучетка Рејчел“, почина на 66 години. Веста за неговата смрт ја сподели семејството, но не ја открија причината за смртта. Ненадејната смрт на Мичел предизвика неверување во филмската индустрија. Пред три недели тој преговараше за работа на нов документарен филм, пишува „Гардијан“.
Роден во Јужна Африка и школуван во Кембриџ, Мичел ја започна својата кариера во театар како помошник режисер.
Мичел се прослави со „Нотинг Хил“, романтична комедија од 1999 што ја напиша Ричард Кертис, со Џулија Робертс и Хју Грант во главните улоги. Филмот имаше три номинации за „Златен глобус“.
Тој преговараше да го режира филмот за Џејмс Бонд во 2006 година, но се откажа, исто како што се откажа и од режијата на филмот „Мандолинaта на капетанот Корели“ бидејќи закрепнуваше од срцев удар. Ги режираше филмовите „Кобно престројување“ со Бен Афлек и Семјуел Џексон, „Венера“ со Питер О’Тул, и два филма со Даниел Крег, „Мајка“ и „Долга љубов“.