Научниците во Англија открија два нови вида диносауруси за кои велат дека, најверојатно, живееле на југот на Англија пред 125 милиони години, објави Би-би-си. Ова откритие на експертите им дава подобар увид во животот на овие предатори.
Палеонтолозите едниот диносаурус го опишале како чапја од пеколот и го споредиле неговиот стил на ловење со застрашувачка верзија на оваа птица. Остатоците од овој диносаурус, кој имал три прсти, беа пронајдени на плажата на островот Вајт. Тој припаѓал на групата спиносауриди и се верува дека бил долг девет метри, а само черепот му бил со големина од еден метар. Ископувањето на колекцијата од приближно 50 коски траело неколку години. Првиот пронајден примерок, со латински назив Ceratosuchops inferodios, се нарекува „пеколна чапја со роговиден крокодилски лик“. Заедно со кратките рогови и испакнатините во областа на веѓите, името се однесува и на стилот на лов на овој предатор, кој личел на чапја.
Вториот примерок е со латински назив Riparovenator milnerae,, што значи „милнер ловец на брегот на реката“. Именуван е во чест на неодамна починатиот британски палеонтолог Ангела Милнер. Ископувачите на фосилите првин пронашле делови од два черепа, а потоа тим од Островскиот музеј на диносаурусите открил голем дел од остатокот од опашка. Претходно, скелетот на спиносаурид, кој припаѓал на видот баринокс, бил откриен во 1983 година во каменолом во англиската област Сара. Оттогаш истражувачите откриле само остатоци од одделни коски и заби.
Крис Баркер, авторот на истражувањето од Универзитетот во Саутемптон, изјавил дека черепите не само што се разликуваат од групата барионика туку се разликуваат и еден од друг.
„Ова откритие покажа дека разновидноста на спиносауридите во Велика Британија е поголема отколку што се мислеше. Пронаоѓањето на остатоците на овие две животни за толку кус временски период беше големо изненадување“, рекол Баркер за Би-би-си.
Истражувањето покажува дека спиносауридите, најверојатно, првин еволуирале во Европа пред да се прошират во Азија, Африка и во Јужна Америка.
Колекција од 50-ина коски ќе биде изложена во Островскиот музеј на диносаурусите во Сендаун. Кураторот Мартин Мант, пак, рекол дека наодите го зацементирале статусот на островот Вајт како едно од најдобрите места за истражување на диносаурусите во Европа.