Холивудскиот актер Алек Болдвин случајно ја уби 42-годишната снимателка Халина Хачинс за време на снимањето на вестерн филмот „’Рѓа“. Во незгодата ранет беше и режисерот Џоел Соуза. Филмот се снимаше во Ново Мексико, а Болдвин ја застрелал Хачинс со пиштол реквизит.
Тој додека го празнел пиштолот на сетот, случајно испукал неколку куршуми. Полицијата во Ново Мексико ја истражува несреќата која се случила на ранчот Бонанца Крик. Засега нема подигнато обвиненија против никого.
Хачинс од здобиените повреди починала во болница, додека состојбата на Соуза засега не е позната. Локалните медиуми објавија дека Болдвин плачел пред канцеларијата на шерифот, при што не успеале да добијат изјава од него.
„Тој зборуваше со детективите. Дојде доброволно и замина откако даде изјава“, рече портпаролот на полицијата на Санта Фе.
Хачинс дипломирала на Американскиот филмски институт во 2015 и беше прогласена за „ѕвезда во подемот“ од магазинот „Американ кинематографер“ во 2019.
„Деталите се нејасни во моментов, но работиме на тоа да дознаеме повеќе“, соопшти претседателот на Меѓународното здружение на кинематографи Џон Линдли.