Бизнисменот Илон Маск наскоро ќе стане првиот трилионер во светот, односно човек чие лично богатство изнесува трилион (илјада милијарди) долари, предвиде американската инвестициска банка „Морган Стенли“. Во моментов Мас е најбогатиот човек на светот, со богатство што се проценува на 241 милијарда долари, пренесува Гардијан.
Аналитичарите во „Морган Стенли“ предвидуваат дека Маск, кој најголемиот дел од своето богатство го заработи со електричните автомобили Тесла, би можел да заработи многу повеќе пари од истражувањето на вселената преку неговата компанија „СпејсИкс“.
Аналитичарот Адам Џонс вели дека фирмата основана во 2002 година, го оспори секое претходно мислење за тоа што сè е возможно да се направи и во која временска рамка, во однос на ракетите, возилата за лансирање и поддршката на инфраструктурата.
„Неколку клиенти ни рекоа дека Илон Маск ќе стане првиот трилионер а тоа нема да биде поради Тесла. Други велат дека ‘СпејсИкс’ на крајот може да биде највредната компанија во светот, во која било индустрија“, вели Џонс и додаде дека ракетите Старшип за повеќекратна употреба, мои можат да однесат луѓе и товар на Месечината и на Марс, имаат потенцијал да ги трансформираат очекувањата на инвеститорите во вселенската индустрија.
„Да се зборува за просторот и вселената пред Старшип е како да се зборува за интернетот пред Гугл“, рече Џонс.
Џонс проценува дека „СпејсИкс“ би можел да вреди 200 милијарди долари и ќе продолжи да расте бидејќи експлоатира голем број потенцијални индустрии, вклучувајќи вселенска инфраструктура, набљудување на Земјата и истражување на вселената.