Српскиот композитор и продуцент Александар Милиќ-Мили првпат јавно проговори за својата животна приказна. Тој за српските медиуми сподели детали од приватниот живот за кои ретко кој знаел. Од богатиот и раскошен живот во Осијек, преку војната што му ги одзела сите спомени, до дијагностицирањето на ракот.
Мили е роден на 28 јануари 1969 година во Осијек, а своето детство го опишува како многу мирно и значајно. Пораснал во медицинско семејство со многу љубов. Татко му Станко бил врвен спортист – државен првак во борење и невропсихијатар, а бил и 30 години професор во Загреб. Како директор водел две клиники и работел во суд. Мајка му Данка била стоматолог, а неговиот три години постар брат Иван е неврохирург, но и пијанист.
Неговото семејство било финансиски стабилно, кое живеело во стан од 400 квадрати во центарот на Осијек, кој имал сопствен парк со фонтана, а само собата на Мили имала 60 квадрати. Подоцна разбрале дека нивниот стан некогаш бил банка во времето на Кралството Југославија.
На 14 години неговите му купиле му купиле мало студио каде што снимил три видеа за РТВ Осијек.
Мили раскажа за периодот кога бил војска во Пожега како возач во 1988 година, каде што се степал со десетарот две недели по пристигнувањето, па за казна до крајот на обуката морал да го чисти тоалетот. Но, татко му потегнал врски да замине во Генералштабот во Белград. Иако командантот сакал да го испрати на албанската граница поради неговото несоодветното однесување, сепак кога го слушнал како пее, се предомислил и наредниот ден го назначил за началник на сите чети во Генералштабот со двомесечна обука.
Потоа се преселил во Сараево, каде што живеел со надреалистите Шибер, Оги и Зен. Во Илиџа бесплатно го користел тогашното најмодерно студио и оттогаш неговата кариера почнала да расте сè додека не почнала војната. Тоа била неговата прва голема трагедија во животот.
„Тој национализам, ескалацијата на конфликтот и поделбата на народот кој на кого му припаѓа, за мене беше тотален пораз – и мој личен и за сè што научив, видов и знаев. Во Белград дојдов од Сараево буквално без ништо. Моето семејство немаше апсолутно ништо. Нашиот стан го зеде Бранимир Главаш, локален политичар, но никогаш не го тужевме. Станот во кој живеевме првин беше запален, сите наши тамошни семејни спомени исчезнаа, па немам никакви фотографии од моето детство“, вели Мили.
Мили раскажа дека од луксузен живот во раскошен стан, единствено што можеле да си дозволат било куќа во Рушње, на 30 километри од Белград.
„Сè што имав во животот изгубив поради војната, а сето тоа многу ме потресе, иако не се гледаше на мене. Кога мислев дека не може да биде полошо, ми беше дијагностицирана малигна болест. Во 1992 година цела година се борев со болеста, колабирав четири-пет пати, а прашање беше дали ќе преживеам иако цел живот бев спортист, гимнастичар. Претпоставувам дека таа промена психолошки влијаеше на мене. Моите родители ми дадоа најголема поддршка и до самиот крај се бореа заедно со мене. Додека бев на хемотерапија, со отечени раце одев на факултет, а кога закрепнав, заминав во Прага да студирам, каде што дипломирав бизнис-администрација – оддел маркетинг“, раскажува Мили.
Со својата сопруга Нина се запознал преку заеднички пријатели и веднаш знаел дека таа е вистинската. Во 2006 година ја добија ќерката Миа, а по една и пол година, и синот Маркус.