Гитаристот Влатко Стефановски и националниот ансамбл „Танец“ вечерва во 20 часот во НОБ ќе одржат заеднички концерт на отворањето на манифестацијата „Есенски музички свечености 2021“. Ова ќе биде прв целовечерен концерт на легендарниот гитарист и „Танец“, кои во изминатите години често настапуваа заедно на бројни манифестации.
„Влатко е стар пријател на ‘Танец’, кој во текот на својата речиси петдецениска кариера многупати има настапено со ансамблот, и дома и надвор. Соработките со ‘Танец’ секогаш ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, но и за македонската музичка култура во целост. Влатко никогаш досега не остварил целовечерен концерт со ансамблот“, велат од „Танец“.
Дел од вечерашниот концерт ќе бидат и антологиските ора „Пелистерско“, „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“, за кои аранжманите ги направи музичарот Дамир Имери.
Од „Танец“ најавуваат дека настанот ќе се одвива според сите епидемиолошки протоколи и со ограничен број на посетители.