Џез трубачот и наставник по труба, Александар Николовски, почина на 48 години. Веста за неговата смрт ја соопштија од ДМБУЦ Илија Николовски-Луј, каде што предаваше долги години.
„Пред еден месец наполни 48 години. Во екот на најубавите години со сила и окураженост и добра мисла за он напред, со надеж дека ќе биде подобро, тој денес си замина, по кратко боледување. Александар работеше како наставник по труба со голема љубов и посветеност кон инструментот и учениците, да ги насочи и запознае со музиката. Беше тивок и свој, без многу муабети, ишаретите ни ги кажуваше преку очите или гримаса и сè беше јасно“, стои во соопштението.
Од Александар преку социјалните мрежи се простуваат неговите колеги музичари.
Николовски свиреше труба со многу бендови. Тој настапуваше во џез-составот на Михаил Парушев, свиреше на бројни џез фестивали во земјата и странство.