Виртуозот на гитара, Влатко Стефановски, го доби најголемото дискографско признание во Хрватска, „Мултиплатинум аворд“. Оваа награда ја доделува Хрватското дискографско здружение. Престижното признание Влатко го доби на концертот што на 7 декември го одржа во Загреб, а му ја додели Желимир Бабогредац, председател на Хрватското дискографско здружение и директор на „Кроација рекордс“.
Стефановски во Загреб го промовира најновиот албум „Тафталиџе шафл“. Тој настапи во преполната сала „Лисински“ со своето трио, во кое членуваат и неговиот син Јан Стефановски (тапани) и Иван Кукиќ (бас-гитара). Во еден момент им се приклучи Дамир Имери. Концертот почна со легендарната „Успаванка за Радмилу“. А додека ја изведуваа „Елено, ќерко“, на сцената им се придружи и Раде Шербеџија. Тој зборуваше за соработката со Стефановски, па рече: „Искреното пријателство е најважно од сè“ и откри дека се дружат 40 години.
Влатко на музичката сцена е познат како водач на култните „Леб и сол“. По напуштањето на бендот, тој изгради успешна соло кариера. Успешен е и како композитор на театарска и филмска музика.