Инфлуенсерката Миа Костова вели дека ѝ недостигаат 90-тите. Нејзиното време, кога Скопје беше една поинаква приказна. „Ми недостигаат зелените трафики со млечна кифла за 10 денари, ми недостига Скопје од 90-тите и колку што мислев дека доаѓа подобро време, толку би дала сѐ да се вратам во моето време“, вели Миа.
Носталгијата за која зборува Миа, во периодот пред Нова година, е приказната на многу генерации од 90-тите што го живееа Скопје со елката на плоштадот и куп тезги пред празниците…
„Скопје. Ми недостига некое Скопје од деведесеттите… Ми недостига некој друг мирис кога се движиш на улица Македонија. Ми недостигаат коцките на плоштадот. Ми недостигаат зеленилото и тезгите за Нова година. Мене ми беше празник кога шетав од тезга на тезга со мајка ми и ќе ми купеше милион шноли и ластичиња за коса. Ми недостига една чешмичка за вода кај оној што фарбаше кожа кај Камен мост десно. А тоа ми беше и патот до школото. До музичко. Ако се решевме да одеме по Камен мост, доцневме поради тезгите и ситните продавачи на мостот. Ако се решевме да одиме по ‘Гоце Делчев’, тогаш знаевме дека не ни недостига време, таму немаше ништо и бргу се стигнуваше. Ми недостигаат зелените трафики со млечна кифла за 10 денари. Ми недостига елката на плоштадот, толку голема, а никаква. Ми недостига времето кога сите носевме ‘монтки’ во разни бои, ама исти. Ми недостига да може да ме најдат само на домашен телефон или на домофон.
Колку што мислев дека доаѓа подобро време, толку би дала сѐ да се вратам во моето време. И горда и благодарна сум што го живеев тоа време“, пишува Миа.